Претходна статија
Идни зданија од проектот „Скопје 2014“ обелоденети во новата туристичка мапа на градот
Следна статија
Се продава последната парцела на плоштадот „Македонија“

Наскоро ќе започне санацијата на Музејот на современа уметност

Објавено на 25.05.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По завршувањето на постоечките изложби, Музејот на современа уметност во Скопје кон крајот на мај ќе се затвори за посетителите и ќе започне долгонајавуваната реконструкција на околу 1.500 метри квадратни од музејските простории. Најголем дел од санацијата ќе се одвива во застаклениот дел на објектот, со поглед кон реката Вардар. Раководството на оваа установа потпиша договор со градежната компанија „Бортас“ од Скопје, која треба да ги реализира изведбените активности во период од 70 дена. Санацијата на галерискиот простор е предвидено да заврши до 20 јули. Финансиската конструкција на проектот за реконструкција на музејот изнесува 14.087.997 денари или околу 230.000 евра.

 

 

 

 

По галерискиот простор, планирано е да се сменат прозорците во салонот „Пикасо“. Откако ќе заврши темелната реконструкција на објектот, во салоните „Македонија“, „Скопје“ и „Пикасо“ ќе се смести постојаната поставка, составена од околу 400 вредни уметнички дела на познати современи ликовни уметници. Свеченото отворање на постојаната изложба е закажано за 8 Септември – Денот на независноста на Македонија. Зданието на оваа музејска установа само делумно е реновирано во долгогодишниот период на негово опстојување. Зградата претставува архитектонска творба од доцниот модернизам, дело на полските архитекти Ј.Мокшински, Е.Вјежбицки и В.Клишевски. Објектот е донација на полската влада, по разорниот скопски земјотрес од 1963 година.