Министерот за здравство Никола Тодоров денеска го посети градилиштето на кое се одвиваат активностите за подигнување на нов објект во рамки на Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“. Градежните работи течат побрзо од предвиденото и се очекува новиот здравствен капацитет да биде ставен во функција во текот на 2014 година. „Инвестицијата е во висина од осум милиони евра, ќе има 6.500 метри квадратни болнички простор во здравствената установа во која ќе има комплетни услуги од областа на белодробните заболувања“, изјави министерот Тодоров.
* Свечениот почеток на градежните активности во септември 2012 година
Идниот здравствен комплекс ќе се состои од пет објекти кои меѓусебно ќе бидат поврзани со „топла врска“, а главната зграда ќе има приземје и два ката. Просторот за сместување на пациенти ќе биде поделен на еднокреветни и двокреветни соби, додека вкупниот капацитет за сметување е предвидено да изнесува 100 кревети. Новото здание ќе биде целосно климатизирано. Изградбата на зградата на Институтот за белодробни заболувања кај децата започна во септември 2012 година во рамки на големиот проект за изградба и реконструкција на објекти на јавните здравствени установи во Македонија, подржан со кредит од Банката за развој при Советот на Европа. Постојниот времен објект на установата е изграден во 1965 година, како донација од Кралството Шведска.