Претходна статија
Ќе се ревитализираат ладилните кули во ТЕ „Битола“
Следна статија
Нова зграда ќе се гради на местото на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Неокласичната фасада на Владата ќе биде готова за една година

Објавено на 23.04.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Започна реконструкцијата на објектот во кој е сместена македонската Влада. Идното градилиште деновиве почна да се оградува, а владината администрација веројатно е дека привремено ќе ги користи просториите на поранешната деловна зграда на Комерцијална банка кај Македонска опера и балет. Познатото владино здание во центарот на Скопје ќе добие неокласична фасада во духот на „Скопје 2014“. „Реализацијата на целиот проект ќе се одвива во три фази, првата која ќе биде конструктивниот дел, втората е нанесувањето на фасадата и третиот дел е самата илуминација, односно осветлување на објектот. Целокупните градежни активности ќе чинат 9.299.052 евра, со вклучен ДДВ“, се наведува во денешното соопштение на македонската Влада.

 

Реконструкцијата на владината фасада ќе се реализира во наредните 12 месеци и ќе ја изведува фирмата „Бауер БГ“. Во тендерската постапка се пријавиле четири компании, а одлуката за најповолниот понудувач била направена на 27 март. Почетокот на градежните активности беше одложен за неколку месеци, меѓу другото и поради фактот што првиот тендер за избор на најповолен понудувач заврши неуспешно. Од Владата засега се откажуваат од првичната намера за проширување на постоечкиот објект, така што неговата површина ќе остане 35.200 метри квадратни. Во денешното соопштение се наведува дека зафатот ќе обезбеди „повеќекратен бенефит, вклучувајќи го естетскиот момент, заштедата на енергија и дополнително зацврстување на сигурноста на самиот објект“.

 

Идејното решение за неокласичната фасада на владиниот објект го изработија Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, а основниот проект студиото „Архитектоника“ од Скопје. Архитектот Петар Муличковски кој е автор на оригиналниот проект за владиното здание од 1970 година во неколку наврати се спротивстави на менувањето на изворниот изглед. Македонската Влада организираше интернет – анкета, на која според соопштените резултати 32% од граѓаните коишто гласаа се одлучија за неокласичната фасада на Чаушевски и Богатинов.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект