Претходна статија
Ќе се заврши ли Стариот театар до 27 март?
Следна статија
Електричните автомобили наскоро ќе можат да се возат и во Скопје

Железничкото депо Лисиче ќе се реконструира за подготвено да го пречека новиот возен парк на МЖ

Објавено на 28.02.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Депо ЛисичеМакедонски железници – Транспорт објави оглас со кој бара компанија која што ќе ја изработи проектната документација за реконструкција на халата и работилницата за шински возила и дизел локомотиви во железничкото депо Лисиче. „Во моментов тече постапката и подготовката за реновирање на работилниците за одржување на железнички возила, на тој начин значајно би се подобриле условите за работа и ефикасноста во одржувањето на железничките возни средства, со што би биле подготвени за одржување на новите возни средства“, изјави неодамна за „Билд“ Кире Диманоски, директор за маркетинг и продажба во МЖ – Транспорт. Постапката за санација на депото Лисиче претставува стандардна процедура со која се соочува секој железнички оператор, која се одвива паралелно со набавката на нови локомотиви и моторни гарнитури и се реализира пред да започне пристигнувањето на новиот возен парк.

 

Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите понуди најдоцна до 5 март, а најниската цена е главниот критериум за доделување на договорот. По изготвувањето на проектот, МЖ – Транспорт ќе ја продолжи постапката за реновирање преку избор на фирма што ќе ги врши изведбените активности. Реконструктивниот зафат ќе биде целосно завршен до 2014 година, за кога е планирано да започнат да пристигнуваат првите нови моторни патнички гарнитури и товарни вагони. Железничкото депо Лисиче е единствениот функционален објект во Македонија во кој се врши гаражирање и одржување на локомотивите, патничките вагони и моторните гарнитури. Огромниот комплекс од неколку објекти е лоциран спроти населбата 11 Октомври.