Минатогодишните избрани идејни решенија за менување на фасадите на зградите во центарот на Скопје ќе се преточат во основни проекти. Градската власт склучи 23 договори за изработка на основни проекти за реконструкција на надворешниот изглед на постоечките објекти на улиците „Македонија“, „Никола Вапцаров“ и „Димитрија Чуповски“ подигнати во текот на втората половина од 20 век. Зделката ја добија „Проинг Љубе“ од Битола и „Архитектоника“ од Скопје. Од градската каса за оваа намена ќе се издвојат 15.813.100 денари или речиси 260.000 евра. Идејните архитектонските решенија за промена на сите фасади ги изработија двајца автори – Звонко Ставревски и Жарко Чаушевски.
Според објавените информации за времетраењето на договорите, избраните фирми треба да ја завршат проектната документација во првата половина од 2013 година. Градската власт за промена на надворешниот изглед на зданијата во строгиот центар на метрополата во стилот на проектот „Скопје 2014“, во текот на 2013 година ќе потроши финансиски средства во висина од 115 милиони денари. Од Градот Скопје денеска излегоа со појаснување дека се спроведени преговори со носителите на прворангираните идејни решенија, во насока на избор на носители на набавка кои ќе ги изработат основните проекти. Проектантското студио „Инком инженеринг“ од Скопје за сума од 55.000 евра во ноември 2012 година веќе беше избрано за изготвување на основните проекти на пет постоечки зданија во центарот на македонскиот главен град.