Претходна статија
Распишан тендер за реконструкција на четири регионални патишта
Следна статија
Беровското училиште „Дедо Иљо Малешевски“ се грее со отпадоците од дрвната индустрија

ТЕМА: Се појавува заситеност од нови станови на пазарот на недвижности

Објавено на 08.02.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонскиот пазар на недвижности ќе биде збогатен со нови 7.376 станбени единици кои започнаа да се градат во текот на минатата година. Забележливо е зголемувањето од 17,3% кај издадените одобренија за градење на станбени објекти во текот на 2012 година во споредба со претходната година. Според збирните податоци на Државниот завод за статистика, во 2011 година биле предвидени за изградба 6.286 станови. Значителен пораст е констатиран и кај вкупната корисна површина на живеалиштата, па така во 2012 година се издадени градежни дозволи за подигање на станови со корисна површина од 595.321 метри квадратни, што претставува зголемување на вкупната станбена површина од 11,7% во споредба со 12-те месеци од 2011 година, во чиј период се започнати станбени зданија со површина од 532.726 метри квадратни.

 

#Деловните субјекти во текот на минатата година се одлучиле да стартуваат со вложување во 3.228 нови станови, додека физичките лица се јавиле како инвеститори на 4.148 станбени единици. Скопските општини и во рамки на 2012 година останале најатрактивна локација за вложување во изградба на нови станбени згради и индивидуални куќи, додека инвеститорите и понатаму најмногу се одлучуваат за изградба на двособни и трисобни колективни и индивидуални живеалишта. Статистичките податоци укажуваат дека просечната површина на предвидените станови за градба во текот на 2012 година изнесувала 80,7 метри квадратни, за разлика од 12 -те месеци од 2011 година кога просечната површина била 84,7 метри квадратни.

 

Наспроти зголемувањето на понудата на нови станови на пазарот на недвижности, забележливо е намалувањето на побарувачката од страна на граѓаните и компаниите во текот на сите 12 месеци од претходната година. Воедно, според последните податоци на Народната банка на Македонија за вториот и третиот квартал од 2012 година, просечната цена на становите во земјава опаднала за 1,3% во периодот април – јуни и за 1,8% во периодот јули – септември во споредба со идентичниот период од претходната година. Познавачите на состојбите во бизнисот со станови напоменуваат дека веќе се чувствува заситување на пазарот на недвижности од приливот на нови станови, така што во иднина би било неизбежно опаѓање на инвестициите во нови станбени зданија или пак стимулирање на побарувачката за живеалишта преку пониски цени, поевтини банкарски кредити и зголемување на субвенциите од државата.

 

Во согласност со последниот извештај на Државниот завод за статистика, во декември 2012 година е предвидена изградба на 587 станови, со вкупна корисна површина од 48.503 метри квадратни. Деловните субјекти од градежниот сектор добиле одобренија за градба на 151 станови со површина од 10.643 метри квадратни, додека физичките лица како инвеститори се планираат да започнат подигање на 436 станбени единици со површина од 37.860 метри квадратни. Најголем интерес за изградба на нови живеалишта е забележан во скопскиот (155), полошкиот (104) и југоисточниот регион (96). Општините Тетово, Струмица и Кочани во последниот месец од минатата година се лидери во однос на добиените градежни дозволи за изведба на нови објекти за домување.

 

Во декември 2012 година се издадени 277 одобренија за градење што е за 8,2% повеќе во однос на истиот период од минатата година. Најголем пораст на градежните дозволи од дури 300% е констатиран кај секторот нискоградба. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 189 (68,2%) се наменети за објекти од високоградба, 36 (13%) за објекти од нискоградба и 52 (18,8%) за објекти за реконструкција. Предвидената вредност на објектите изнесува 2.965.275 илјади денари што е за 53,5% повеќе во однос на последниот месец од 2011 година. Забележливо е значително зголемување на вредноста на планираните објекти од сите сектори. Од вкупно 277 објекти, на 201 (72,6%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 76 објекти (27,4%) инвеститори се деловни субјекти.

 

Број на издадени одобренија за градба (јануари 2010 - декември 2012)Број на предвидени станови и нивна просечна површина (јануари 2010 - декември 2012)

 

 

 

Може ли проектот „Купи куќа, купи стан“ да помогне во 2013 година?

 

Реализацијата на владиниот проект „Купи куќа, купи стан“ досега не ги исполни очекувањата, но неговото натамошно промовирање од владата и поттикнување од страна на комерцијалните банки може да доведе до зголемен пласман на станбени кредити за купување нови станови од македонските граѓани. Министерството за финансии веќе ги распиша јавните повици за аплицирање на граѓаните до банките, при што како краен рок за поднесување на барањата е определен 31 мај 2013 година. Министерот за финансии Зоран Ставрески само во текот на минатиот месец неколку пати организираше медиумски настани во насока на популаризирање на проектот, а за граѓаните кои сакаат да изградат куќа наскоро ќе се зголеми владиното учество во субвенционираниот кредит од 50 на 75 отсто кај двата понудени модела. Според владините информации, досега се доделени субвенционирани станбени кредити на 110 граѓани, со вкупен износ на субвенциите од 640 илјади евра.

 

 

Бојан Блажевски