Италијанската компанија „Арен С.Р.Л.“ од Торино е избрана да изработи архитектонско – урбанистички проект со идеен проект и основен проект за изградба на нов блок во рамките на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Идното здание со предвидена површина од 50.000 метри квадратни ќе биде поврзано преку „топла врска“ со клиниките за гинекологија и за онкологија и радиотерапија, а во замислата е вклучена и реконструикција на хируршките клиники. Министерството за здравство денеска го потпиша договорот за изготвување на потребната документација, при што од државниот буџет за оваа намена ќе се одвојат над 99,6 милиони денари или над 1,6 милиони евра. Како домашни партнери на италијанската компанија кои ќе треба да помогнат во изработката на проектот се јавуваат „Прототип“ и „Инпума“ од Скопје.
По реализацијата на предвидениот објект, предвидено е речиси сите клиники да се префрлат во него. Во постојните зданија ќе продолжат да работат единствено хируршките клиники, клиниката за гинекологија и акушерство, клиниката за онкологија и клиниката за детски болести. Предвидено е и решавање на сообраќајниот метеж во највисоката здравствена установа во државата со изградба на две катни гаражи, при што на едната од нив ќе биде изведен хелиодром за транспорт на итните случаи со хеликоптер. Рокот за изработка на проектната документација изнесува девет месеци. Италијанската фирма „Арен С.Р.Л.“ веќе 30 години успешно функционира на пазарот и досега има изготвено неколку крупни проекти, како што се: болниците во Касино, Фрозиноне и Вицоло во Италија и Универзитетскиот болнички центар во Тирана, Албанија. Првичната замисла на македонската влада беше сегашниот Клинички центар да се дислоцира во близина на Психијатриската болница во Бардовци, но во текот на минатата година оваа идеја беше напуштена.