Македонскиот електропреносен систем оператор (МЕПСО) денеска објави оглас за избор на изведувач на градежни работи што ќе изведе класицистичка фасада на постоечкото седиште на компанијата во строгиот центар на Скопје. Од државната компанија наведуваат дека санацијата на објектот е неопходна поради подобрување на енергетската ефикасност и реконструирање на ентериерот на зградата. Иако градежните активности за реализација на овој проект треба да започнат во претстојните месеци, засега на јавноста не и е претставена ниту една визуелизација од идниот надворешен изглед на препознатливиот објект.
Идејното решение и основниот проект за овој зафат беа изработени во текот на минатата година, а единствениот публикуван податок е шифрата од победничкиот архитектонски труд. Најниската цена е главниот критериум за избор на фирмата што ќе го реконструира седиштето на МЕПСО. Понудите од градежните компании треба да се достават најдоцна до 11 март, за кога е предвидено и нивното јавно отворање.