Советот на Град Скопје на денешната седница донесе Одлука за започнување постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно – приватно партнерство за реализација на ски – центарот на Водно. Распишувањето на јавен оглас за избор на најповолен понудувач ќе следи во претстојниот период, по кој би се потпишал договор за концесија со приватниот партнер, со период на стопанисување од 25 години. Идниот инвеститор ќе треба да вложи финансиски средства во изградба на четири ски – патеки со вкупна должина од 3.850 метри, три ски – лифта со должина од 1.350 метри, центар за изнајмување на скии, ски – школа, ресторан и административни простории во новиот објект што ќе се гради на врвот на Водно. Покрај инвестирањето во зимско – рекреативниот центар, идниот управител ќе треба на градот да му исплаќа 1 отсто од вкупно остварениот приход од продажбата на билети. На ниво на Општина Карпош е завршена постапката за донесување на урбанистичкиот план за локалитетот со површина од преку 180 хектари.
Според плановите на градските власти, скијачката патека ќе се гради на потегот од врвот на Водно, од десната страна на Милениумскиот крст, во правец на селото Нерези. Проблемот со недостигот на доволни врнежи на снег во текот на зимските месеци ќе се реши со поставување на машини за производство на вештачки снег. Од Градот Скопје засега нема официјални информации за временската рамка во која би требало да се оствари проектот. Покрај реализацијата на скијачките патеки, за потребите на ски – центарот во урбанистичкиот план е предвидено на врвот на планината Водно да се изгради нов објект со максимална висина од пет метри, кој би се лоцирал на левата страна од Милениумскиот крст. Во функција на уредување на целокупната околина, планирано е и парковско зеленило што ќе се простира од левата и од десната страна на објектот кој што е препознатлива знаменитост на Скопје.