Службата за општи и заеднички работи на Владата на Македонија ја избра компанијата „Бетон“ од Штип за целосна реконструкција на кејот на реката Вардар во строгиот центар на Скопје. Со потпишаниот договор во износ од 342.670.716 денари или над 5,5 милиони евра ќе се финансираат градежните активности кои во наредните 12 месеци ќе се одвиваат на потегот од Камениот мост до мостот „Слобода“ кај новиот објект на Министерството за надворешни работи, во должина од околу 380 метри. Проектот предвидува изградба на нови потпорни ѕидови на кејот, засилување на постоечките ѕидови и изградба на кејни конзоли со кои ќе се прошири партерниот простор пред новоизградените објекти од проектот „Скопје 2014“. Постоечкото руинирано и затворено шеталиште ќе се прошири и ќе се поплочи со природен камен по целата негова должина.
На кејот е предвидено хортикултурно уредување и поставување на нови канделабри, клупи и придружни реквизити. Идното катче за граѓаните ќе биде збогатено со звучници од кои ќе се пушта свечена музика, која ќе наликува на постоечката атмосфера на плоштадот „Македонија“. Покрај со музичка подлога, јавниот простор е планирано да биде збогатен и со специјални светлосни уреди на новоизградените објекти од проектот „Скопје 2014“. Засега нема информации кога би започнало изведувањето на градежните работи, но сосема е извесно дека довршувањето на двата нови пешачки моста и на новите објекти долж самиот кеј ќе влијаат врз зацртаните активности.