После низа неуспешни тендери во изминатите години, Општина Прилеп конечно ја продаде парцелата наменета за изградба на нова меѓуградска автобуска станица кај Противпожарниот дом [»мапа]. Земјиштето со површина од 5.299 метри квадратни понудено на јавна лицитација имаше почетна цена од 880 денари за метар квадратен, а се продаде по цена од 970 денари за квадрат.
Локацијата е во непосредна близина на постоечката железничка станица, со што со изградбата на новата автобуска станица ќе се оформи замислениот прилепски транспортен центар. Според урбанистичкиот план, објектот може да има приземје и два ката и максимална бруто површина од 11.171 метри квадратни. Инвеститорот има обврска да прибави одобрение за градба во рок од 12 месеци и инвестицијата да ја реализира во рок од 72 месеци сметано од добивањето на одобрението. Инвеститорот исто така има обврска на свој трошок да го расчисти теренот, односно да го сруши постоечкиот Противпожарен дом.
Истовремено Општина Прилеп продаде и земјиште во кругот на касарните со големина од 2.935 метри квадратни наменето за станбена зграда со приземје и 12 ката, по цена од 1.520 денари за квадрат, парцела за мал деловен објект во старата градска чаршија која достигна цена од 4.201 денар за метар квадратен и неколку плацови за објекти за индивидуално домување во новата населба „Градина“ на местото на поранешните оранжерии.
» Форумска дискусија за автобуската станица во Прилеп