Во Градската општа болница „8-ми Септември“ денеска се пушти во употреба новоизградениот Центар за хемодијализа, инвестиција вредна 89 милиони денари. Центарот се простира на 700 метри квадратни, има 30 дијализни места и е лоциран на деветиот кат на болницата.
Дизајнот на целокупниот простор вклучувајки ги боите, текстурите, осветлувањето и мебелот се избрани и изработени во функција на ублажување на впечатокот од вообичаената болничка атмосфера. Сево ова е дополнително осложнето поради широкиот опфат на содржини како и поради условите што ги наметнува перманентната контрола на инфекции. Преку префинети детали во ентериерот се трансформира класичниот болнички амбиент во еден хуман амбиент со зголемено ниво на удобност и достоинство кој е многу важен за пациентите за кои дијализата е секојдневен и неизбежен дел од животот.
Поради карактерот и потребите на овие болни, овозможен е директен пристап до центарот со инсталирање на дополнителен панорамски лифт со две кабини, лоциран на јужната фасада на стационарот, кој има две станици – на ниво 0.00m и на ниво 38.00m. Сите места за дијализа се поврзани со контролни пунктови, со што се постигнува можност за следење на работата на секој апарат. За ефикасно и непречено извршување на процесот на дијализа е обрнато особено внимание на доведувањето и третманот на вода која се складира во резервоари, производството на ациден, односно кисел раствор како и неговото дистрибуирање до дијализерите.
Новиот центар го изведе и проектно го адаптира фирмата „ДОТ Архитекти“ следејќи ги современите стандарди за изведба на здравствени објекти, како од технички така и од функцинален аспект. Сите пионерски работи во новиот центар, беа набљудувани и насочувани од стручњаци, магистри по архитектура, сите од областа на архитктурата за здравствени објекти, како дел на постојаниот тим „ДОТ Медикал“ кој функционира во рамки на фирмата „ДОТ Архитекти“.
При изведба на објектот инженерскиот тим на „ДОТ Архитекти“, во однос на користени материјали, системи на градба, како и самата изведба (вградување на специфицираните материјали и системи) стриктно се придржуваше кон Европската Директива 2010/31/EU со која е пропишана постапката и процедурата на подобрување на енергетската ефикасност на објектите. Со применетиот начин на изведба, не само што се подобрува енергетската ефикасност, туку се обезбедува и поголем степен на остварен комфор и стандард.