Претходна статија
И Штип сака аква парк
Следна статија
Раскинат договорот со хрватски „Конструктор“ за мостот „Око“

МЕПСО ќе инвестира 26 милиони евра во два нови далноводи

Објавено на 10.10.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонскиот електропреносен систем оператор МЕПСО го започна процесот за проектирање и изградба на два нови далноводи – 400 киловолтниот интерконективен далновод од Штип кон македонско – српската граница и 110 киловолтниот далновод Скопје – Југохром – Тетово, чија реализација ќе чини 26 милиони евра кои се обезбедени преку заем од Светска банка и од сопствени финансиски средства на државната компанија. Вкупната должина на новата далноводна мрежа е предвидено да изнесува 122 километри. Според информациите објавени во посебниот повик за јавна набавка, далноводот до македонско – српската граница во должина од 70 километри ќе биде составен од 168 челично – решеткасти столбови, ќе минува низ општините Штип, Свети Николе и Куманово и ќе се приклучи на трансформаторските станици во Лесковац и Ниш. Рокот за изведување на конструкциските активности не треба да биде подолг од 24 месеци. Од МЕПСО соопштуваат дека со овој проект значително ќе се подобри стабилноста и доверливата работа на македонскиот електропреносен систем и ќе се зголеми неговиот преносен капацитет. Ова ќе биде второ електроенергетско поврзување на Македонија и Србија.

 

Со вториот важен инфраструктурен проект се предвидува замена на старите бетонски столбови на далноводот Скопје – Југохром – Тетово, со нови челично – решеткасти, поставување на нови спроводни јажиња и потребна опрема, долж целата траса од 52 километри. Временскиот период за завршување на изведбените работи не треба да биде подолг од осумнаесет месеци. Со целосната реконструкција  треба да се надминат сегашните проблеми во снабдувањето со електричната енергија на полошкиот регион, кои се појавуваат поради застареноста на дотраениот далновод. Најновата инвестиција на МЕПСО е во согласност со Студијата за развој на преносната мрежа од 2010 до 2020 година, во која е зацртано да се остварат 18 проекти со вкупна вредност од 82,5 милиони евра.