Проектот „Скопје 2014“ продолжува да се шири со фаворизираниот неокласицистички архитектонски правец. Градските власти го избраа новиот надворешниот изглед на објектите „Метропол“ и „Сити Галери“, лоцирани на плоштадот Македонија. На Конкурсот за избор на идејно решение победија архитектите Лазар Димов и Никола Стакинов, кои за својот труд ја добија првата награда во вредност од 450.000 денари. Од Градот Скопје се одлучија за сигурно решение при изборот на неокласиката како иден изглед на преостанатите зданија од централниот плоштад, бидејќи истите архитекти фигурираат како автори на проектот за изградба на административниот објект со неокласицистичка фасада спроти хотелот „Бристол“, но и на реконструкцијата на надворешниот изглед на зградата попозната како „Пелистер“ на плоштадот Македонија.
Градските власти сеуште не се подготвени да објават визуелни материјали на кои би можело да се види како во иднина ќе изгледаат препознатливите зданија од центарот на Скопје, а се одлучија и да не одговорат на прашањата од „Билд“, поврзани со динамиката на реализација на новите фасади на објектите „Метропол“ и „Сити Галери“.