Битолската локална самоуправа објави два огласи за продажба на градежно земјиште во кругот на поранешната касарна „Стив Наумов“. Во првата објава се нудат 116 парцели предвидени за изградба на објекти за индивидуално домување и компатибилни намени, согласно со ДУП-овите „АРМ Четврт 1“, „АРМ Четврт 2“ и „АРМ Четврт 3“. Големината на атрактивните локации се движи од 304 до 1.267 метри квадратни, по почетна цена од 1.003 денари за метар квадратен. Општинарите се надеваат дека граѓаните ќе пројават значителен интерес и дека ќе се отуѓи дел од понуденото земјиште, чија вкупна површина изнесува околу 8,53 хектари или 85.328 метри квадратни. Пријавите за учество на јавното наддавање треба да се достават најдоцна до 22 септември, при што истото ќе се одржи на 1, 3 и 5 октомври. Минималната вредност на огласеното земјиште се проценува на околу 1,4 милиони евра.
Согласно со плановите за изградба на огромна населба во рамките на некогашната битолска касарна, во вториот оглас се нудат пет парцели на кои би се подигнале станбени згради со компатибилни класи на намена, 12 локации за градење на објекти за домување со посебен режим, две парцели наменети за катни гаражи и јавни скривници, една парцела за хотелски комплекс и три парцели за големи трговски единици, со површина од 707 до 14.518 метри квадратни. Највисока вредност од 3.200 денари за метар квадратен е утврдена за парцелите наменети за изградба на големи трговски единици, почетната цена на локациите за идните станбени згради изнесува 2.750 денари за метар квадратен, додека инвеститорите кои сакаат да градат катни гаражи и хотелски комплекс ќе треба да издвојат минимум 1.003 денари за метар квадратен. Најниската проценка од 61 денари за метар квадратен се однесува за објектите за домување со посебен режим. Вкупната површина на понудените парцели изнесува 5,9 хектари или поточно 59.374 метри квадратни, при што се очекува од нивното отуѓување да се инкасираат преку 1,4 милиони евра. Пријавите од субјектите треба да се достават најдоцна до 22 септември, а електронското јавно наддавање ќе се одржи на 8 и 10 октомври.
Дел од огласеното земјиште веќе беше понуден на електронска лицитација во изминатиов период. Искуствата од досегашната продажба покажуваат дека интересот на правните и физичките лица е насочен кон градежните парцели со помала квадратура. Проектите за пренамена на некогашниот имот на македонската армија во Битола се преточени во три детални урбанистички планови со вкупна површина од 103 хектари. Во неколку наврати веќе се отуѓи земјиште на заинтересирани домашни и странски инвеститори, а процесот за преобразба на касарната „Стив Наумов“ започна во февруари 2011 година.
» Форумска дискусија за проектот „Старите касарни за нов развој“