Општина Гевгелија денеска објави оглас за продажба на градежна парцела за изградба на нова автобуска станица. Објектот ќе биде лоциран надвор од центарот на градот, спроти постоечката железничка станица, со што би се оформил планираниот транспортен центар. Земјиштето што се нуди на приватните инвеститори е со големина од 2.723 метри квадратни, на кое е предвидено да се лоцира новата автобуска станица со придружни објекти за мали комерцијални и деловни намени на површина за градба од 1.922 метри квадратни. Во согласност со урбанистичкиот план, зданието со висина од 12 метри е предвидено да има максимална бруто развиена површина од 7.686 метри квадратни и да се состои од приземје, два ката и поткровје. Почетната цена на електронското јавно наддавање за локацијата изнесува 1.355 денари за метар квадратен, додека понудите на заинтересираните субјекти треба да се достават најдоцна до 29 август. Лицитацијата на земјиштето ќе се спроведе на 3 септември.
Покрај овој проект, локалната самоуправа во Гевгелија работи и на дислокација на досегашното градско пазариште надвор од центарот на градот. Наскоро се очекува да се објави оглас за продажба на земјиште на кое ќе се гради покриен пазар, голем супермаркет и паркинг простор. Преместувањето на старата автобуска станица и пазарот, заедно со изградбата на новиот градски плоштад, ќе го изменат сегашниот изглед на Гевгелија. Деталниот урбанистички план предвидува на просторот на овие локации да се изградат станбено – деловни објекти и подземни паркинг простори со што ќе се реши постоечкиот сообраќаен метеж со кој се соочуваат жителите на градот. Сите зафати ќе започнат во текот на претстојните неколку месеци и ќе се одвиваат во текот на наредната 2013 година, при што плоштадот ќе се реализира по пат на јавно – приватно партнерство, а останатите градби со вложувања од страна на заинтересираните приватни инвеститори.