Општина Центар склучи договор со компанијата „Бетон“ од Скопје за изградба на плоштадот „Пресвета Богородица“ кој е предвидено да се оформи околу истоимената црква во центарот на главниот град. За неговата изградба, како и за останатите зацртани објекти во постоечкиот ДУП, беа урнати 14 објекти. Архитектонското решение предвидува плоштадот да се простира на површина од 3.200 метри квадратни и да бидат изведени три фонтани посветени на Пресвета Богородица, на свети Никола и на свети Петар и Павле. Согласно склучениот договор, општинската власт на „Бетон“ ќе му исплати 259.340.120 денари или нешто над 4,2 милиони евра. Просторот на кој ќе се гради новиот скопски плоштад веќе е делумно ограден, но засега нема официјални информации од општина Центар кога ќе започнат градежните активности и за колкав временски период би требало истите да се комплетираат.
На шеталиштето е предвидено да се постават и спомен – обележја на Пресвета Богородица, чии автори се Зоран Тосевски и Борче Димовски, на свети Никола, дело на Елена и Дарко Дуковски и на свети Петар и Павле, изработен од Кирил Мукаетов. Локалната власт веќе распиша тендер за избор на леарница која ќе ги изведе трите спомен – обележја, но сеуште не е познатo кој ќе ги лее иако јавното отворање на понудите беше предвидено за 18 април. Во непосредна близина на идниот плоштад, во тек се активностите за изградба на новиот објект на Факултетот за драмски уметности и на бројни државни институции кои ќе сместат во него.
» Форумска дискусија за овој проект