Во континуитет расне интересот за изградба на нови станови кај деловните субјекти и физичките лица во Македонија. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во март 2012 година била предвидена изградба на 512 станови со вкупна корисна површина од 41.010 метри квадратни, што претставува зголемување од дури 34% во споредба со истиот месец од претходната година во однос на зацртаните станови за изградба и пораст од 7,4% во однос на нивната корисна површина. Од целосната бројка, физичките лица планирале изградба на 233 станови, додека градежните компании предвиделе подигање на 279 станбени единици.
И во месец март, најмногу живеалишта започнале да се градат во скопскиот регион (271), а по него следува југозападниот (84) и источниот регион (52). Кога станува збор за локалните самоуправи, најмногу станови ќе се градат во скопските општини Карпош (180) и Центар (57). По нив следуваат Штип (50) и Охрид (47). Физичките лица и деловните субјекти во третиот месец од 2012 година најмногу се интересирале за подигање на еднособни станови (143), а веќе подолг период се забележува константно висок процент на градба на двособни (120) и трисобни (112) станови.
Во однос на одобренијата за градење, статистичарите забележуваат дека во март 2012 година се издадени 210 вакви решенија, што е за 7,7% повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број на издадени градежни дозволи, 146 (69,5%) се наменети за објекти од високоградба, 43 (20,5%) за објекти од нискоградба и 21 (10%) за реконструкција. Информациите говорат за големо позитивно придвижување од 74,2% во однос на март 2011 година кај предвидената вредност на објектите, која изнесува 3.570.055.000 денари. Ваквото зголемување се должи на порастот од фантастични 790,2% кај вредноста на објектите во секторот нискоградба, што може да е последица на вкалкулирањето на поголеми инфраструктурни објекти што е планирано да се градат во земјава.