Претходна статија
Легализацијата на дивоградбите „запна“ кај граѓаните и општините
Следна статија
Се продава земјиште за откупно - дистрибутивен центар во Валандово

Преку ГЕФ Проектот се имплементира енергетска ефикасност во образовните институции низ Македонија

Објавено на 05.03.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Подобрување на енергетската ефикасност во околу 20 училишта и градинки од 7 или 8 македонски општини е најновата фаза од проектот Глобален еколошки фонд (ГЕФ) што ќе треба да се реализира до 30 септември годинава, за кој Светската банка обезбеди финансиски средства во износ од околу 1 милион долари. Локалните самоуправи во земјава од своите буџети преку системот на кофинансирање на зафатот ќе треба да обезбедат дополнителни 1 милион долари за заедничко финансирање на спроведувањето на енергетската ефикасност во образовните институции. Гевгелија, Чаир, Желино, Конче и Валандово се општините што досега се избрани да учествуваат во втората фаза од имплементирањето на проектот, а во зависност од расположливите средства е предвидено да влезат уште 2 до 3 општини преку направената ранг листа со бодување на неколку транспарентни критериуми кои обезбедуваат рамномерна застапеност и на поголемите и на помалите локални самоуправи.

 

ГЕФ проектот се спроведува во две фази, при што во првата се обезбедија 1,5 милион долари за подобрување на енергетската ефикасност во 4 градинки и 14 училишта во општините Боговиње, Зајас, Гази Баба, Кисела Вода, Чешиново – Облешево и Кавадарци. „Општините се доста заинтересирани и има подготвеност за имплементирање на енергетската ефикасност. Мислам дека кај нив се развива идејата дека тоа не е едноставен трошок, туку претставува инвестиција која се исплаќа, енергетската ефикасност значи најпрвин заштеда на енергија, но и заштеда на финансиски средства. Оние општини кои спровеле вакви проекти во наредните години ќе бидат финансиски многу појаки“, истакнува за „Билд“ Трајче Андреевски, проект менаџер од Единицата за спроведување на ГЕФ Проектот за одржлива енергија при Министерството за економија.

 

Во одбраните училишта и градинки е предвидена низа мерки кои треба да се имплементираат за да се добие енергетски ефикасен објект. Во образовните институции се менуваат прозорците и вратите, се изведуваат нови фасади, се поставува подна изолација, се поправаат крововите на зградите, се врши замена на грејни тела и термостатска регулација во просториите, се поставуваат енергетски ефикасни светилки и се менува електричната инсталација до одреден степен. Пред почетокот на реконструкцијата, во јавните установи се спроведува енергетска контрола, која што предвидува истражување на потрошувачката на енергија во објектот и предлагање на алтернативни мерки за енергетска ефикасност.

 

ГЕФГЕФГЕФГЕФ

 

 

Покрај обезбедувањето на подобри услови за образование на учениците, целта на овој проект на Светска банка е да се создаде пазар на услуги и производи за енергетска ефикасност. „Во поразвиените земји токму јавниот сектор е двигател на спроведувањето на енергетската ефикасност, бидејќи приватниот сектор и обичните граѓани имаат помалку финансиски средства и ограничени можности“, напоменува нашиот соговорник Андреевски. Во моментов во фаза на финализација е и „Националната програма за енергетска ефикасност во јавните згради во Република Македонија 2012-2018“, која е доставена до Министерството за економија на крајот на јануари и по потребните консултации и давање завршна оценка ќе ја мине и владината процедура за поддршка. Во документот се опфатени околу 2.500 јавни објекти (училишта, болници, административни згради и сл.) во кои ќе треба да се имплементираат мерки за енергетска ефикасност во текот на наредните години.