Градежните компании на денешната средба со министерот за финансии Зоран Ставрески предложија да се продолжи крајниот рок од 1 март за поднесување на барања за субвенционирање на станбени кредити преку проектот „Купи куќа, купи стан“. Градежниците сметаат дека државата треба да го повлече овој потег поради зголемениот број на апликации во последните денови, постоењето на нејасностии околу проектот, но и поради актуелните временски услови. Првичните прогнози на владата беа дека во текот на 2012 година оваа можност ќе ја искористат од 2.000 до 2.500 граѓани, за кои се обезбедени средства од буџетот. Сепак, последните збирни информации од банките покажуваат дека владините предвидувања тешко ќе се остварат, ако се земе во предвид досегашниот број на поднесени и одобрени апликации од банките и нецелите 2 недели до истекот на крајниот рок за доставување на барањата.
Министерот за финансии Зоран Ставрески по средбата со претставниците на градежните компании изрази согласност дека Владата треба да размисли за продолжување на рокот. „Штом има вакви барања искажани од сите компании и граѓаните до Владата сметам дека треба да биде флексибилна и да овозможи подолг временски рок да се докомплетираат барањата и документите и да се добие станбен кредит“, истакна министерот Ставрески. Од друга страна, градежниците напоменаа дека во моментов во главниот град можат да се купат станови по цена до 900 евра во Ново Лисиче, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел, Припор и во неколку други скопски населби.