Огромен број најави за изградба на мали хидроелектрани секојдневно ги преплавуваат македонските медиуми, иако финалната реализација на предвидените проекти е значително мала. Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), заклучно со ноември поднесени се само 2 барања во текот на цела 2011 година за издавање лиценца за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија од мали хидроелектрани. Компанијата ДПТУ Мали Хидро Електрани доо Скопје поднела барање за лиценца за една мала хидроцелектрана на реката Брбушница, додека ДПТУ Студенчица Мали Хидро доо Скопје фигурира со барање за издавање на работна лиценца за една мала хидроелектрана на водоснабдителен систем во Кичево.
Според последно ажурираните информации од Агенцијата за енергетика на Р.М. од јули годинава, во регистерот на повластени производители на електрична енергија од обновливи извори на енергија влегуваат единствено 5 компании: МХЕ Летнички извори доо Скопје, ДТП Диком дооел с. Ваташа – Кавадарци, МХЕ Горно Белички извори доо Скопје, Хидроенерго проект водовод дооел Битола и ДПТУ Студенчица Мали Хидро доо Скопје. Како финално реализирани проекти досега фигурираат 10 мали хидроелектрани, вклучувајќи ги и поднесените 2 барања за добивање на лиценца за работа во 2011 година. Во оваа бројка не влегуваат малите хидроелектрани во сопственост на EVN Македонија изградени во периодот од пред осамостојувањето на Македонија.
Наспроти малубројните примери на веќе изградени мали хидроелектрани, Министерството за економија од 2006 година до денес организираше пет јавни повици за доделување на концесија за вода за производство на електрична енергија на различни локации низ земјава. На последниот петти повик во 2011 година пристигнаа 23 понуди на компании заинтересирани за изградба на овој тип енергетски објекти на 28 локации. Во јануари 2011 година се потпишаа договори за изградба на 12 мали хидроелектрани од четвртиот јавен оглас, а во изминативе години вкупно се потпишани 47 договори за изградба на мали хидроелектрани со вкупна инсталирана моќност од 34,6 MW и годишно производство од околу 147 GWh. Во оваа бројка не влегуваат ветувањата за изградба на мали хидроелектрани на системите за водоснабдување и системите за наводнување, а кои влегуваат во финалниот регистер на Агенцијата за енергетика како повластени производители на електрична енергија.
Големата дискрепанца помеѓу заинтересираните субјекти за изградба и веќе завршените мали хидроелектрани во земјава се јавува поради повеќе објективни и субјективни причини во целокупната реализација на проектите. Владимир Карчицки, претседател на невладината организација „Проактива“ за „Билд“ истакнува дека големо влијание во изградба на овие енергетски објекти имаат повластените тарифи за обновливи извори на енергија, но секако за зголемувањето на интересот влијаат и кредитните линии со ниски каматни стапки, процедурата за издавање на одлука за одобрување на користење на повластена тарифа, како и други поволности.
Позначителен пораст на бројот на изградени мали хидроелектрани се очекува во периодот по 2012 година, доколку се остварат дадените ветувања на приватните инвеститори заинтересирани за вложување во овие енергетски објекти. Компаниите кои се јавиле на јавниот повик и добиле соодветна локација за изградба ќе мора да ја реализираат планираната инвестиција, а од Министерството за економија уште во 2009 година најавија казни за оние субјекти кои нема да ги испочитуваат предвидените рокови за изградба на малите хидроелектрани.
Држава со амбициозни планови кои сеуште се поставени само на хартија
Министерството за економија при распишувањето на јавни повици за доделување на локации за изградба на мали хидроелектрани сеуште се раководи од Студијата за хидроенергетскиот потенцијал на мали ХЕ од 1980 година, во која се предвидува изградба на вакви енергетски објекти на 400 локации низ земјава со вкупна инсталирана моќност од 255 MW и очекувано годишно производство од 670 GWh. Според „Стратегијата за искористувањето на обновливите извори на енергија во Република Македонија до 2020 година“, Владата и Министерството за економија планираат изградба на 80 MW мали хидроелектрани со производство 210 GWh годишно до 2020 година, односно 160 MW со годишно производство од 420 GWh до 2030 година.
Бојан Блажевски