Претходна статија
Старите охридски куќи го добиваат некогашниот архитектонски сјај
Следна статија
„Топлификација“ ќе работи на физибилити студијата за дистрибутивна гасоводна мрежа

Зонското паркирање од денеска профункционира во Охрид, наскоро и во Битола

Објавено на 24.06.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Јавното претпријатие „Билјанини извори“ од Охрид денеска започна да наплатува паркинг простор во централното подрачје на градот. Паркирањето на возила во иднина ќе се одвива во две зони, А и Б. Со првата зона е опфатен строгиот центар на градот, поточно улицата „Македонски Просветители“ и кружниот тек во центарот на Охрид, каде паркирањето ќе чини 40 денари во првиот и вториот час, а за секој нареден час ќе се наплаќаат по 30 денари. Паркирањето во зоната Б го опфаќа просторот кој се протега на дел од улиците „Партизанска“ и „Кеј Маршал Тито“, односно јавните површини кои и досега беа предмет на наплата за паркирање од приватната охридска компанија „Сузуки“. Новиот стопанственик на паркинзите ги намали цените на паркирање, но воведе и поволности за граѓаните кои живеат во центарот на Охрид. Жителите од околните станбени објекти ќе можат да склучат договор за користење на паркинг место со Ј.П. „Билјанини извори“. По завршувањето на туристичката сезона, постои можност од 1 септември да се намали и постоечката цена за користење на услугите за паркирање во Охрид.

 

Покрај во Охрид, локалната самоуправа од Битола денеска го потпиша договорот за воведување на зонско паркирање во градот со приватната компанија „Стентон Градба“.  Во наредните три месеци треба да се извршат подготовките за реализацијата на овој проект, кои вклучуваат исцртување на паркинг просторот, поставување на рампи, изведба на наплатни станици и воведување на софтверски систем за наплата. Паркинг просторот во градот ќе биде поделен во три зони, со вкупно 1.951 место за паркирање. Во центарот на Битола ќе се наплаќаат 30 денари за два часа паркирање во периодот од 7 до 17 часот, односно по 20 денари за оставање на возилото по 17 часот. Цената на паркирање во втората зона ќе изнесува 20 денари за 2 часа, додека во третата зона ќе се наплаќаат по 20 денари за 3 часа паркирање. Жителите на станбените згради ќе ја имаат можноста да паркираат по цена од 200 денари месечно за еден автомобил, односно по 300 денари месечно за второ возило.

 

Со воспоставување на зонското паркирање предвидени се и посебни карти за паркинг за правните лица, но и ВИП карти за оние граѓани што сакаат неограничено да ги користат услугите на приватната фирма во сите три зони. „Стентон Градба“ на годишно ниво на општина Битола ќе треба да и исплаќа по 1.734.410 денари односно по околу 28 илјади евра во наредните шест години. За реализација на зонското паркирање, во 2011 година беше изработен и посебен сообраќаен проект.