Претходна статија
Владата ќе помага во изградба и реконструкција на училишта
Следна статија
Излупените фасади долж булеварот „Илинден“ трета година по ред чекаат реконструкција

Зимата ги пролонгираше работите на булеварот Илинден

Објавено на 01.04.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Поставувањето на финален асфалтен слој на коловозот е последниот градежен зафат што треба да се реализира пред пуштањето во употреба на третата фаза од проширувањето и реконструкцијата на булеварот Илинден, на потегот од бензинската пумпа Макпетрол до улицата Љубљанска. Градските власти напоменуваат дека завршувањето на проектот било одолжено поради неможноста да се изведат потребните градежни активности во текот на зимските месеци. „Работите на проширувањето на булеварот Илинден се минимално пролонгирани затоа што во периодот од 15 ноември до 15 март е сезона на зимско одржување на улиците и не се изведуваат големи асфалтни зафати, а освен тоа во овој период беа затворени сите асфалтни бази за производство на асфалтна маса“, велат од Одделението за односи со јавност на Град Скопје.

 

 

 

 

Оттаму најавуваат дека во најскоро време ќе заврши зафатот за проширување и реконструкција на трасата во должина од 1.100 метри. Реализацијата на третата фаза од проширувањето на булеварот Илинден започна на крајот од јули минатата година и требаше да заврши во рок од 90 работни дена. Со проектот е предвидено сообраќајницата да добие четири коловозни ленти широки по 3,5 метри, средишен зелен појас, нови тротоари со ширина од 2,5 метри од двете страни на булеварот и енергетски ефикасно улично осветлување. Изведувач на градежните работи е компанијата „Гранит“ од Скопје, а вредноста на проектот изнесува 64 милиони денари.

 

 

» Форумска дискусија за булеварот Илинден