По одржувањето на успешниот референдум во Богданци, жителите на општина Валандово започнаа со протести да ја притискаат општинската власт за организирање на референдумското изјаснување. Валандовчани бараат претседателот на општинскиот совет под итно да свика седница за организирање на референдум во однос на изградбата на идниот рудник за катоден бакар во Казандол. Од граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ ги собраа неопходните потписи за одржување на референдумското изјаснување, но засега нема никаква реакција од Советот на општина Валандово.
Жителите на Валандово денеска ги блокираа патиштата кон Дојран, Струмица и клучката за Гевгелија и Скопје. Тие инсистираат референдумот да се одржи до 16 јули и предупредуваат дека ќе организираат помасовни протести ако не се прифати нивното барање. Протестантите посочуваат дека Валандово никогаш не бил рударски град и дека не сакаат рудници на територијата на нивната општина. Рудникот за катоден бакар во Казандол се гради речиси 10 месеци наназад и очекувањата се дека истиот ќе биде завршен до крајот на 2017 година.
Барањата на жителите на Валандово за референдумско отфрлање на ваквиот проект се засилија по референдумското изјаснување во Богданци. Пред само три дена, граѓаните од оваа соседна општина организираа успешен референдум со кој се отфрли проектот за изградба на рудникот во Казандол. На референдумското изјаснување излегоа 4.321 жител на Богданци, односно околу 62% од вкупниот број на гласачи од Избирачкиот список. Речиси 100% од излезените гласачи се изјаснија против продолжувањето на градежните работи за изградба на рудникот во Казандол.