Министерството за животна средина и просторно планирање го потпиша договорот за изградба на фекална канализација во кумановското село Отља, Општина Липково. Во конкуренција на три градежни компании, струмичката фирма „Жикол“ доставила најповолна понуда за изведба на инфраструктурниот зафат. Склучениот договор е во времетраење од шест месеци, во чии рамки жителите од ова кумановско село треба да добијат фекална канализација до нивните домови. За реализација на проектот се издвоени финансиски средства од 9.989.073 денари од државниот буџет.
Реализацијата на овој проект е дел од активностите на Министерството за животна средина и просторно планирање за проширување на опфатот на руралните средини со водоводна и канализациона мрежа. Министерот Садула Дураку кон крајот на јули годинава додели финансиски средства за изработка на техничка документација за слични инфраструктурни проекти во 12 општини од земјава, меѓу кои се најде и Општина Липково.