Во конкуренција на 10 понуди доставени од компаниите, Министерството за транспорт и врски ја избра струмичката фирма „Жикол“ за изведба на третата фаза од идниот водоснабдителен систем во тетовската општина Желино. Проектот вклучува изградба на потисниот цевковод, дел од доводниот цевковод, дел од доводниот цевковод за селото Желино и резервоарот за вода. Како што се наведува во објавениот договор, избраниот изведувач е должен да ги реализира градежните работи во рок од 12 месеци и истите да ги заврши до почетокот на 2019 година. За новиот водовод во Желино се обезбедени 47.292.943 денари од државниот буџет.
Тендерот за изведба на третата фаза од водоводот во општина Желино беше распишан на почетокот од октомври 2017 година. Инфраструктурниот зафат е од исклучително значење за жителите на оваа тетовска општина, бидејќи со него трајно ќе се реши проблемот со вода за пиење. Претстојните градежни активности се дел од капиталниот проект за изградба на регионален водоснабдителен систем за четири општини во Полошкиот регион (Желино, Врапчиште, Брвеница и Боговиње).