Претходна статија
Кочани во иднина со енергетски ефикасно улично осветлување
Следна статија
Уреден вториот дел од Паркот Македонија во општина Карпош

Жерновски на средба со граѓаните за пазарчето Буњаковец

Објавено на 16.06.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски во директна средба со граѓаните на Дебар Маало им ја објасни идејата за уредување на локалитетот Буњаковец. Заедно со раководителот на секторот за урбанизам на општина Центар, првиот човек на општината на жителите им ја претстави предлог – верзијата на ДУП-от Дебар Маало 1 и Дебар Маало 2. Со измените на урбанистичкиот план се предлага на местото на постоечкиот пазар да се изгради нов современ зелен пазар и подземен паркинг, да се засади зеленило, но и да се пробие нова улица што ќе се поврзе со булеварот Партизански одреди.

 


* Извор на фотографија: општина Центар
Жерновски им посочи на граѓаните дека сопственик на целокупното земјиште е „Скопски пазар“. За да пристапи во вложување на финансиски средства во проектот, сопственикот на земјиштето предлага изградба на бензинска пумпа која ќе биде во законски предвидените 250 метри од раскрсница. Тој потенцираше дека инфраструктурниот објект ќе ги задоволи сите еколошки критериуми и истиот ќе овозможи максимална заштита за граѓаните и производите што се продаваат. Во непосредната околина е предвидено да се засади зеленило.

 

Пазарчето Буњаковец во иднина ќе се осовремени, така што во текот на зимските месеци тоа би било затворено и би ги штитело пазарџиите и купувачите од ниските температури. Планирано е тоа да биде исклучиво зелен пазар со дополнителен простор наменет за игралиште за деца. „Доколку не го прифаќате ова решение, ќе се бара друго. Вие ќе одлучите како сакате да изгледа овој простор. Нема да дозволам ниту овој, ниту другите ДУП – ови да се носат во раните утрински часови, како што тоа го правеше претходното раководство, јавната расправа наместо со закон предвидените 10 дена, ако треба ќе трае 2 месеци“, посочи градоначалникот Жерновски.

 

Просторот околу пазарчето Буњаковец е едно од главните урбанистички проблеми на централното градско подрачје. На просторот секојдневно се јавува хроничен недостиг од паркинг места, кои доведуваат до блокирање на пешачката и на велосипедската патека на булеварот Партизански одреди. Сообраќајниот метеж е надополнет со непријатниот мирис кој се шири од пазарчето, особено во текот на попладневните часови.

 

Граѓаните веќе неколку години ја истакнуваат потребата од инвестирање во современ пазар што би ги задоволил потребите на продавачите и на купувачите во студениот период од годината. Истовремено, на овој потег долж булеварот Партизански одреди не е изградена ниту една бензинска пумпа, иако движењето на возила е најинтензивно. Првата бензинска пумпа по оваа сообраќајница се наоѓа дури во населбата Карпош 3.

 

 

Бојан Блажевски