Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски ќе побара прием кај премиерот Никола Груевски за да го праша од кои причини оваа скопска општина не може да ја добие дозволата за управување со градежно земјиште во сопственост на државата, иако се работи за нејзино право во согласност со законската легислатива. На денешната седница на Советот на општина Центар е донесена одлука за формирање делегација, која заедно со градоначалникот ќе го посети премиерот.
Општина Центар цела година чека одговор од извршната власт во однос на поднесеното барање за добивање во владение на градежното земјиште, кое е доставено во февруари 2014 година. Градоначалникот Жерновски вели дека не е тешко да се открие зошто централната власт продолжува со продажба на парцелите на територијата на оваа општина. Тој наведе дека парцели на други локации во Скопје се продаваат по неколкукратно повисока цена, додека на електронското јавно наддавање во Центар најчесто се јавува само еден инвеститор заинтересиран за атрактивните локации за градење.
По изгласувањето на одлуката за оформување на делегација за средба со премиерот, од општина Центар истакнаа дека ќе испратат уште едно барање до Министерството за транспорт и врски, во кое ќе биде вметната и Програма за управување со неизграденото градежно земјиште на територијата на општина Центар за 2015 година. Надлежното министерство минатата недела продаде атрактивна парцела во Градскиот парк за само 40 евра за метар квадратен, а во тек е пријавувањето за отуѓување на уште парцела за изградба на деловен објект во барокен или класицистички стил под Скопското кале.