Граѓаните од скопската населба Дебар Маало добија уште 10 работни дена за да ги достават своите анкетни ливчиња за предлог – урбанистичките планови Дебар Маало 1 и 2. Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски на денешната прес – конференција рече дека Општината ќе продолжи да соработува со граѓанските организации во функција на сопирање на уништувањето на преостанатото зеленило во центарот на Скопје. Тој најави дека ќе поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на спорниот Закон за просторно и урбанистичко планирање донесен во декември 2014 година.
* Контроверзните градежни парцели на кои се предвидени станбени објекти, со одлука на Владата утврдени како градби од посебен интерес
Според Жерновски, таканаречените градби од посебен интерес со изработување на урбанистичко – планска документација се донесуваат во процедура без да се вклучи јавноста на ниту едно ниво од постапката. Еден од овие владини проекти што се донесуваат без јавна расправа се и најавените две станбени згради на местото на постоечките бараки на АДСДП, кои се означени како „градби од посебен интерес“. Со ваквата одлука на владата, насилно и се одземаат ингеренциите на општина Центар за било какво попречување на изградбата на овие објекти.
Првиот човек на општина Центар посочи дека во спроведената јавна анкета биле доставени дури 301 анкетни листови со забелешки за двата ДУП-ови за населбата Дебар Маало. Во дополнителниот рок од 10 работни дена, секој граѓанин ќе може да ги достави своите предлози и мислења во однос на предложените урбанистички планови. Воедно Жерновски посочи дека нема намера да гради нова општинска зграда на локацијата каде што во моментов се наоѓаат бараките на општина Центар.
На денешните позиции на градоначалникот Андреј Жерновски со своја реакција се јавија од Министерството за транспорт и врски. „Висината на општинската зграда исклучиво ја определува предлагачот на планот, во конкретниот случај општина Центар. Во правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање постои одредба согласно која стекнатите права со претходен план, при донесување на нов урбанистички план се почитуваат и истото е во насока на заштита на интересите на граѓаните, односно се ограничува можноста за злоупотреба при донесување на нов урбанистички план, меѓутоа доколку се јави потреба и општината одлучи, висината може да биде намалена“, соопштуваат од ова министерство.