Од Министерството за транспорт и врски известуваат дека за потребите на Македонски Железници Транспорт АД Скопје имаат склучено договори со фирмите „Гоша“ од Република Србија и „Гредељ“ од Република Хрватска, за производство на 36 нови товарни плато вагони. Новите вагони се во фаза на изработка и ќе бидат испорачани во Република Македонија во текот на 2010 година. Средствата за оваа инекција во возниот парк на МЖ-Транспорт се обезбедени преку Светска Банка.
Од министерството информираат дека има активности и во врска со доизградбата на железничката инфраструктура на коридорот 8. Во текот на 2009 година избрана беше фирма која е задолжена за изработка на студија и идеен проект за изградба на железничката мрежа на делницата делница Кичево – граница со Република Албанија, а во текот на 2010 година ќе следи распишување на тендер за избор на консултантска куќа која ќе треба да започне со изработката на основниот проект за оваа делница, со рок на изработка до 36 месеци. Исто така, за делницата Куманово – граница со Република Бугарија, потребно е да се изработат главни проекти за мостови и главни проекти за тунели и траса, со рок на изработка од 18 месеци.