Речиси никакви промени не се предвидени со новиот возен ред за 2012 година на Македонски железници – Транспорт. Единствена новина се планираните два пара возови на релација Прилеп – Битола – Прилеп, но истите моментално се заведени со забелешка „привремено не сообраќа“. Според познавачите на состојбите, доколку се обезбеди соодветна дизел моторна гарнитура или патнички вагони, во текот на 2012 година се очекува да профункционира локалниот железнички сообраќај помеѓу овие два града.
Во новиот возен ред се предвидени 1 пар експресни и 3 пара патнички возови на релацијата Скопје – Битола – Скопје, 3 пара возови на релацијата Скопје – Гевгелија – Скопје, 2 пара возови на релацијата Скопје – Кичево – Скопје и 1 пар возови помеѓу Скопје и Кочани. Секоја недела, односно понеделник и за време на празничните денови помеѓу Скопје и градовите Кичево и Кочани ќе сообраќа дополнителен пар возови. Во внатрешниот сообраќај се зацртани 10 пара возови на релација Скопје – Велес – Скопје, а кон Куманово ќе сообраќаат 6 пара возови во текот на еден ден. Во меѓународниот железнички транспорт се предвидени единствено 3 пара возови кон Белград и Приштина, и тоа 2 поврзувања дневно кон српскиот главен град и 1 во правец на Приштина. Од Белград овозможено е патување со воз до неколку европски метрополи.
Од Скопската железничка станица се предвидени 38 секојдневни поаѓања и пристигнувања на возовите. Новиот возен ред ќе започне да се применува од 11 декември (недела) и истиот ќе важи до 8 декември 2012 година. Статус – кво состојбата во железничкиот превоз на патници ќе продолжи и во текот на наредната година, а согласно со тоа и бројот на превезени патници. Според последните податоци од Државниот завод за статистика, во третото тримесечје на 2011 година се превезени 352.000 патници, додека вкупниот број во периодот од јануари до септември изнесува 1.066.000 патници. Очекувањата се и оваа година со воз да патуваат околу еден и пол милион патници, бројка која континуирано се јавува како завршен биланс во текот на изминативе неколку години.
Бојан Блажевски