Претходна статија
Нов тендер за изградба на 100 спортски игралишта
Следна статија
Странските пазари и понатаму недостижни за македонските градежници

Зголемена добивката на „Гранит“ и „Бетон“ во првите девет месеци од годинава

Објавено на 01.11.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Наспроти општиот пад на индустриските показатели и намалениот обем на работа на фирмите во земјава, нема криза за големите македонски градежни компании. „Гранит“ и „Бетон“ – двата македонски гиганти во градежниот сектор денеска ги објавија финансиските извештаи за работењето во првите девет месеци од 2012 година, при што и двете компании се пофалија со зголемување на добивката од извршените градежни активности. „Гранит“ заклучно со 30 септември оствари добивка од редовното работење пред оданочување во износ од 261.457.000 денари, што претставува зголемување од 12% во споредба со истиот период од 2011 година. Во официјалното соопштение на компанијата се наведува дека оперативната добивка е поголема за 4% во однос на минатата година, што се должи на поекономичното работење преку намалување на оперативните расходи.

 

Идентично како и „Гранит“, скопски „Бетон“ во својот извештај бележи дека во периодот од 1 јануари до 30 септември остварил добивка од 36.218.000 денари, што е за 9,15% повеќе во споредба со истиот период лани. Вкупните приходи на претпријатието изнесуваат 1.676.953.000 денари и бележат пад од 6,94% во однос на остварените приходи заклучно со 30.09.2011 година, додека вкупните расходи се заокружени на 1.639.736.000 денари и се намалени за 7,24% во однос на истиот период од минатата година. Компанијата „Бетон“ во денешното соопштение напоменува и дека склучила уште еден дополнителен договор со македонската влада за изградба на нова административна зграда за државни институции на улицата „Македонија“ во Скопје, чија вкупна вредност изнесува 834.555.000 денари.