Претходна статија
Се продаваат шест парцели за изградба на фабрики во Петровец
Следна статија
За заштита на воздухот лани вложени половина од цената на „Панорамското тркало“

Завршна конференција „Правата на домување кај Ромите за одржлив урбан развој“

Објавено на 30.06.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Хабитат Македонија и РОМА С.О.С денеска ја организираа завршната конференција за проектот „Права на домување кај Ромите за одржлив урбан развој“. Во рамките на проектот во изминативе две и пол години се организирани бројни настани, вклучувајќи го формирањето на три локални лидерски групи, спроведувањето на теренска анкета која опфати 1.672 жители на ромските населби во Прилеп, Штип и Чаир и подготовка на три почетни студии за домување на Ромите во трите опфатени општини.

 

* Извор на фотографија: Хабитат Македонија

 

Со овој проект е подготвена и Студија за одржлив урбан развој на супстандардни населби, но и вклучување на 45 студенти од Архитектонскиот факултет во подготовка на 10 идејни решенија за населбата Топаана во скопската општина Чаир. „Ова е само еден од многуте проекти посветени на унапредување на условите за домување на Ромите, кои ги спроведуваме уште од 2008 година. Со овој проект ги дефиниравме главните проблеми и приоритетите за локален урбан развој. Урбанизацијата на супстандардните населби е област во која остануваме да делуваме и се надевам дека во реализацијата и на идните проекти ќе имаме поддршка од сите релевантни чинители“ изјави Зоран Костов, извршен директор на Хабитат Македонија.

 

 

 

Проектот „Правата на домување кај Ромите за одржлив урбан развој“ е финансиран од Европската Унија и има за цел да го зајакне учеството на ромската заедница во процесите на социјална инклузија во доменот на домување, но и да ги промовира основните човекови права на домување како права кои ги имаат сите граѓани. Проектот го имплементира Хабитат Македонија во соработка со РОМА С.О.С од Прилеп, Черења од Штип и Сумнал од скопски Чаир.