Претходна статија
До новата автобуска станица во Охрид ќе се гради и трговски центар
Следна статија
Во Велес ќе се изработува нов Генерален урбанистички план

Заврши проектот за реконструкција на канализационата мрежа во Куманово

Објавено на 09.02.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Денес во Куманово и официјално се означи завршувањето на инфраструктурниот проект за проширување и рехабилитација на канализационата мрежа во општина Куманово. Со реализираниот проект се заменија и доградија 26 километри од градската канализациона мрежа, односно 20% од целокупната канализација во Куманово. Обезбедени се и 1.132 нови куќни приклучоци на канализационата мрежа, со што се зголеми и ефикасноста на пречистителната станица за отпадни води во градот.

 

Проектот е во вредност од 4,3 милиони евра, обезбедени од Европската Унија – Програмата за регионален развој. Главниот бенефит од проектот е одвојување на фекалните од атмосферските води, но и намалувањето на опасноста од излевање на отпадните води во Куманово. „Оваа инвестиција е од исклучителна општествена важност за граѓаните на општина Куманово бидејќи се подобри зафаќањето на фекалните води“ изјави министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки. На денешната свеченост во Куманово присуствуваа амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

 

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски се заблагодари за доделените финансиски средства од ЕУ за реализација на овој зафат. Воедно, тој нагласи дека вториот по големина град во земјава се соочува со сериозни инфраструктурни проблеми. „Податоците велат дека имаме само околу 10% развиен колекторски систем за атмосферски води, додека во урбаните средини развиеноста на фекалниот систем е до 60%, додека во руралните средини само до 20%“ изјави градоначалникот Максим Димитриевски.