Реконструкцијата на делницата од Катланово кон Велес заврши во предвидениот рок. Премиерот Никола Груевски денеска го пушти во употреба овој сегмент од автопатот „Александар Велики“ во должина од 27 километри. На целата траса е поставен нов асфалт, нова хоризонтална сигнализација, нови банкини, мрежа за заштита од одрони, а вертикалната сигнализација е обновена со повеќе од 230 знаци. Исто така инсталирано е ново осветлување во тунелите. За спроведување на проектот се издвоени 7,3 милиони евра од државниот буџет. Градежните работи ги изведе компанијата „Гранит“ од Скопје. Последен пат оваа делница од патниот Коридор 10 била реконструирана во 1985 година.
Владините претставници денеска изнесоа неколку ветувања поврзани со санацијата на патната инфраструктура во земјава. Активностите за најавената реконструкција на 13 мостови од патниот Коридор 10 ќе започнат наредната година со финансиски средства во висина од 8,6 милиони евра обезбедени од страна на НАТО. Постапката за избор на изведувач во моментов е во тек. За 2013 година е планиран и стартот на рехабилитацијата на делницата од Велес во правец кон Скопје. Овој дел од автопатот М-1 е еден од најпрометните патишта во Македонија, на кој просечно минуваат по 9.000 возила дневно.