Претходна статија
Три нови проекти за модернизација на железницата
Следна статија
Забрзано се гради автопатот Кичево - Охрид

Заврши изградбата на канализацијата во периферните делови на Ѓорче Петров

Објавено на 06.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Скопските населени места Волково, Волково-Пржина, Стопански двор и Кисела Јабука добија канализација. По 12 години од почетокот на проектот, општина Ѓорче Петров успеа да ја доврши изградбата на последните 16 километри од канализационата мрежа во овие места. Со финансиска поддршка од 35 милиони денари од Министерството за транспорт и врски, целосно е надминат проблемот со постоењето на над 7.000 септички јами во овие делови од Скопје. На тој начин, решен е проблемот со загадувањето на водите од реките Лепенец и Вардар.

 

*Извор на фотографија: Општина Ѓорче Петров

 

„Поставена е канализација во должина од 80 километри со што примарната мрежа е 100% покриена, а секундарната мрежа 70 проценти“ информираат од општина Ѓорче Петров. Во наредниот период ќе се врши довршување на секундарната канализациона мрежа, со што секое домаќинство од овие населени места ќе има приклучок на канализација. Во Волково минатата година веќе се пушти во употреба пречистителната станица за отпадни води, во која се инвестираа над 6,7 милиони евра. Со заокружувањето на овие два проекта, отпадните води ќе се слеваат директно во инфраструктурниот објект што ќе врши нивно прочистување, со што ќе се надмине проблемот со загадување на артериските бунари во сливот на реките Лепенец и Вардар.