„Макстил“ ги исполни сите обврски утврдени во рамките на еколошката дозвола добиена од Министерството за животна средина и просторно планирање. Целиот план на активности за приспособување кон законските одредби ја чинеше компанијата 22 милиони евра, од кои за четирите последни инвестиции се одвоени 12 милиони евра. Во изминатиов период се инсталираше постројката за прифаќање на секундарни честички, се изгради складиште за филтерска прашина, за складирање на троската и за нејзино рециклирање. Веќе е набавена мерната станица за амбиентален воздух, која треба во следниот период да се инсталира.
Погонот Челичарница во рамките на скопската железарница почна пробно да работи кон крајот на јануари и по 90 дена продолжи редовно да функционира. Добиените вредности од мерењата за време на пробното работење покажале дека максималните емисиони вредности се движат во рамките од 0,01 милиграм до 0,03 милиграми на метар кубен. Од „Макстил“ посочуваат дека ваквите вредности се пониски и од пропишаните европски критериуми.
Во изведбата на работите во проектот учествуваа компаниите „Бетон“ и „Факом“ од Скопје, додека надзорот над градежните работи го вршеше Градежниот институт „Македонија“. Како носител на целокупниот проект се јави италијанската компанија „СТГ Груп“ (STG Group S.p.A.), од каде што е набавена опремата и која ја изработи неопходната документација.