Општина Куманово ја заврши изградбата на затворениот базен во Куманово. Објектот со површина од 4.000 метри квадратни веќе ја мина техничката проверка и истиот е наполнет. Кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски денеска информираше дека градскиот базен ќе биде пуштен во употреба заедно со отворениот базен во периодот од 10 до 15 јули. Во моментов се вршат интензивни градежни работи за изградба на отворениот базен со површина од 550 метри квадратни. „Јас сакам отворањето да го спојам во едно. Затворениот и отворениот базен ги пуштаме и да не правиме сепарирано, да ги отвораме затворениот, па отворениот“ вели градоначалникот Дамјановски.
Локалната власт од Куманово инвестираше околу 200.000.000 денари во проектот за изградба на спортскиот комплекс во градот. Денеска е распишан и тендер за уредување на мини парк околу базените. Покрај за фонтани и скулптури, кумановскиот градоначалник информираше дека оваа локација ќе биде наменета и за споменици на паднатите бранители од минатата година. Во непосредна близина на базенот, Агенцијата за млади и спорт гради тениски игралишта, кои треба во иднина да се вклопат во околните објекти.