Претходна статија
Започна втората фаза од реконструкцијата на улицата Козле
Следна статија
Шест кружни текови долж булеварот Туристичка во Охрид, наместо постојните семафори

Започнува реконструкцијата на железничкиот Коридор 10, експертите предупредуваат да не биде површна

Објавено на 06.06.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Според директорот на Македонски железници – Инфраструктура, Ирфан Асани, германскиот конзорциум „Вибе и Алпине“ (Wiebe & Alpine) денеска треба да го започне ремонтот на железничкиот Коридор 10 на делниците Табановце – Куманово и Миравци – Смоквица, во вкупна должина од 24,1 километри. Со првата фаза од реконструкцијата на пругата од Табановце до Гевгелија ќе се променат 30 сантиметри од лошиот земјен материјал на овие делници, на долниот строј од пругата ќе се постави геотекстил и геомрежа, ќе се вгради нов камен материјал, а планирана е и целосна замена на дрвените прагови со нови армирано – бетонски. По завршување на обновата на железничката пруга брзината на возовите ќе се зголеми од сегашните 40 на 120 километри на час. Во согласност со договорот, градежните активности е предвидено да завршат во период од една година по неговото потпишување, а инвестицијата во овие две делници ќе изнесува околу 7 милиони евра.

 

 

 

 

Наспроти оптимизмот од раководните структури на железницата, дел од експертите имаат извесна доза на сомнеж за резултатите што ќе ги донесе претстојниот ремонт на инфраструктурата. Во априлскиот број на списанието „Пресинг“, во издание на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија, градежниот инженер Филип Ивановски се осврнува на загрижувачката положба во која се наоѓаат пругите во земјава. Задржувајќи се на добиениот заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), тој напоменува дека одобрените средства не треба да се потрошат на безначајно редење на бетонски прагови во должина од 63 километри. „Луѓето од техниката треба да знаат дека ќе бидат одговорни за залудно потрошените средства. Со сумата од 17,6 милиони евра може да се изврши посериозна реконструкција на одвај 15 – 20 километри пруга“, заклучува инженерот Ивановски.

 

Од МЖ – Инфраструктура пристигнува и информацијата дека во наредните недели треба да се објави и тендерот за избор на компанија што ќе го изведе ремонтот на делниците Ногаевци – Градско, Градско – Кукуричани и Кукуричани – Криволак – Неготино, со вкупна должина од 30,9 километри. Градежните работи на овие сегменти до железничкиот Коридор 10 ќе започнат во текот на идната година и ќе завршат во првата половина од 2014 година. ЕБРД преку кредит ги обезбеди финансиските средства за овој проект, а значајно е да се напомене дека истовремено финансиски средства се обезбедени и за реконструкција на 112 километри пруги од овој паневропски коридор на територијата на Србија, со што во наредниот период би требало да се укинат ограничувањата на брзините и да се обезбеди побрз превоз на патници и стоки.

 

 

» Форумска дискусија на оваа тема