Претходна статија
Борис Чипан - реч за неговиот животен пат и творечки опус
Следна статија
БЛИЦ ВЕСТ: Собранието ја доби првата купола

Започнува реконструкцијата на железничкиот Коридор 10

Објавено на 10.04.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Јавното претпријатие Македонски железници – Инфраструктура денеска го потпиша договорот со германскиот конзорциум „Wiebe & Alpine“ со кој се предвидува ремонт на три делници од пругата на Коридорот 10. Со потпишаниот договор е зацртано да се реконструираат делниците Табановце – Карпош, во должина од 5,7 километри, Карпош – Куманово, во должина од 5,9 километри и Миравци – Смоквица, во должина од 12,5 километри. Според објавените информации последниот ремонт на горенаведените пруги е извршен во 1970 година. Обврските од договорот пропишуваат завршување на градежните работи за 1 година од неговото потпишување, а надлежните од јавното претпријатие ветуваат дека брзината на возовите на реконструираните делници ќе изнесува 120 километри на час.

 

#Санацијата предвидува обемни градежни активности со кои целосно ќе се надминат сегашните проблеми кои предизвикуваат намалување на брзината на возовите. Ќе се менуваат 30 сантименти од лошиот земјан материјал, на долниот строј од пругата ќе се постави геотекстил и геомрежа, ќе се вгради нов каменен материјал, а планирана е и целосна замена на дрвените прагови со нови армирано – бетонски, на шините, на изолираните лепени состави и на загадениот толчаник. Постојните 11 патни премини на делниците Табановце – Карпош – Куманово и Миравци – Смоквица ќе бидат реконструирани со поставување на рециклирана гума и асфалтни приоди. Предвидено е и поставување на нови армирано – бетонски перони на стојалиштата во Карпош, Милетково и Стара Смоквица. Ремонтот на пругата ќе започне во текот на мај годинава, а вкупната инвестиција изнесува 6.985.999 евра, финансиски средства обезбедени преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).

 

Во припрема е и тендерската постапка за втората фаза од реконструкцијата на железничкиот Коридор 10. МЖ – Инфраструктура ќе го објави тендерот во текот на мај годинава, а градежните работи ќе се одвиваат во текот на 2013 и првата половина од 2014 година. Со вториот тендер ќе се реконструираат делниците Ногаевци – Градско, во должина од 8 километри, Градско – Кукуричани, во должина од 9,7 километри и Кукуричани – Криволак – Неготино, во должина од 13,2 километри. Последниот ремонт на овие сегменти од пругата на меѓународниот коридор е извршен пред 45 години. Целокупниот кредит од ЕБРД е во износ од 17,6 милиони евра и со истиот е зацртана реконструкција на 53 километри од најкритичните точки на железничката инфраструктура долж Коридорот 10.