Градот Скопје ја избра гостиварската фирма „Пелагонија АД“ за реконструкција на улицата „Васко Карангелески“ во населбата Аеродром. Проектот треба да се реализира во наредните пет месеци, а договорот е потпишан во текот на минатата недела. Станува збор за сегментот од крстосницата со булеварот „Јане Сандански“ до спојувањето со булеварот „АСНОМ“. Овој дел од улицата не е реконструиран повеќе од три децении. За реализација на проектот од градската каса се предвидени над 7,7 милиони денари.
Покрај реконструкцијата, градските власти веќе најавија можност за продолжување на оваа сообраќајница во правец кон булеварот „Трета Македонска бригада“ во реонот кај Воениот музеј. Проектот би бил реализиран по изведбата на претстојниот реконструктивен зафат, со што ќе се зголеми значајноста и сообраќајниот проток на оваа улица.