Локалната самоуправа од Пробиштип ја избра скопската фирма „Промонтинг“ за изградба на изложбениот павилјон на ретки минерали во центарот на градот. Изведбата на зданието ќе се одвива во период од три месеци и треба да заврши до ноември. Во музејот со површина од 150 метри квадратни ќе се изложи минеролошка збирка од стотина експонати, која ќе биде прва од ваков вид во Македонија. Збирката е составена од ретки минерали ископани на рударските наоѓалишта во земјава. Архитектонското решение предвидува идниот објект да биде во форма на кристал. Вредноста на потпишаниот договор со „Промонтинг“ изнесува 8.976.187 денари или над 145 илјади евра. Финансиските средства се обезбедени преку донација од компанијата „Индо минерали и метали“ и од буџетот на општина Пробиштип. Преку реализација на овој проект, планирано е да се стимулира развојот на туризмот во овој град, кој претставува прва рударска населба на Балканскиот полуостров.