Од напуштено место полно со ѓубре и со девастирана урбана опрема, градскиот парк во Куманово наскоро ќе добие нов лик. Локалните власти го започнаа проектот за реконструкција на паркот со површина од над 3.000 метри квадратни. Во моментов се поставува ново осветлување со 65 канделабри, подземна инсталација и поврзување со трафостаница, со што ќе се надмине опасноста за посетителите на паркот во ноќните часови. За првата фаза од проектот се одвоени 2,5 милиони денари.
Од општина Куманово информираат дека во наредниот период ќе следува целосна санација на паркот. Следува набавка и поставување на урбана опрема, вклучувајќи клупи и канти за отпадоци. Ќе се реконструираат пешачките патеки, а за на крај е предвидено хортикултурно уредување на целокупниот парк. Локалните власти најавуваат дека по санацијата ќе постават стражарска служба на оваа локација, со цел да се надмине проблемот со безбедноста на посетителите и фрлањето отпадоци од несовесни граѓани.
Градскиот парк во Куманово со години беше невралгична точка, која ги отргнуваше граѓаните од посета на ова место во близина на меѓуградската автобуска станица. Со реализација на тековниот проект, очекувањата се дека парковската површина повторно ќе го привлече интересот на кумановчани.