Денеска започнаа градежните работи за реконструкција на булеварот „Партизански одреди“ во населбата Влае. Станува збор за санација на коловозот на делот од мостот „Обединети Нации“ до кружниот тек со улицата „Ацо Шопов“ во должина од околу 850 метри. Од буџетот на Град Скопје за овој проект се обезбедени 19 милиони денари. На овој дел од булеварот, целосно ќе биде отстранет стариот коловоз и ќе биде нанесен нов асфалтен слој, ќе се заменат оштетените шахти и ќе се нивелираат преостанатите, а ќе се заменат и сите оштетени рабници.
*Извор на фотографија: Град Скопје
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов присуствуваше на денешното отпочнување на градежните работи. „Со цел работите побрзо да се одвиваат и што е можно помалку да им го отежниме движењето на граѓаните додека се врши реконструкцијата, градежните активности се поделени на две фази и ќе ги вршат две различни компании“ изјави градоначалникот Шилегов.