Претходна статија
ОСВРТ: Македонски железници вози музејски експонати
Следна статија
ОСВРТ: Големите трикови на нискобуџетните авиокомпании

Започна проширувањето на улицата Теодосиј Гологанов

Објавено на 13.05.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Нов асфалт и дополнителна сообраќајна лента ќе добие една од поважните скопски сообраќајници, улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, на потегот од улицата Франклин Рузвелт до улицата Костурски херои. Дел од градежниот зафат ќе биде и западниот сегмент на улицата Мито Хаџивасилев Јасмин (помеѓу католичката црква и зградата „Нова Македонија“). Проширувањето ќе се врши на десната страна гледано во правец на центарот на градот. Со тоа оваа сообраќајна оска ќе добие четири ленти со вкупна широчина од 13 метри. Исто така ќе бидат изведени тротоари со широчина од по 3,5 метри.

 

„Турбо“ кружен тек кај католичката цркваКај вкрстувањето на улиците Митрополит Теодосиј Гологанов, Костурски херои и Мито Хаџивасилев Јасмин (кај Католичката црква) ќе биде изграден специфичен тип на кружен тек, таканаречен „турбо“ кружен тек. „Турбо“ кружните текови обезбедуваат спирален тек на сообраќајот. Функционираат така што ги принудуваат возачите да се престројат на лента наменета за нивната дестинацијата уште пред да влезат во кружниот тек. На тој начин теоретски се подобрува проточноста и безбедноста. Се работи за релативно ново сообраќајно решение и ова e негова прва примена во Македонија.

 

Финансиската тежина на проектот изнесува 72 милиони денари. Градежните работи ќе ги извршува фирмата „Бауер БГ“ и тие треба да финишираат во рок од пет месеци. Во втора фаза е предвидено проширување на Митрополит Теодосиј Гологанов на потегот од улицата Рузвелтова до улицата Московска, исто така со една дополнителна сообраќајна лента.

 

 

 

Јужен булевар останува приоритет само во ветувањата на политичарите

 

Според Генералниот урбанистички план на Скопје, улицата Митрополит Теодосиј Гологанов е предвидена како колекторска улица на Јужен булевар. Таа како и досега треба да има три ленти и да биде еднонасочна во правец од центарот на градот кон Нерези. Еднонасочна колекторска сообраќајница во спротивен правец треба да биде оската Јуриј Гагарин – Народен фронт која треба да се спои со улицата Железничка. Врската на улицата Васил Ѓоргов со улицата Железничка треба да биде прекината. Главниот товар на сообраќајот треба да го понесе Јужниот булевар.

 

Со булеварското решение за Митрополит Теодосиј Гологанов, под знак прашање е доведена посветеноста на градските власти кон проектот Јужен булевар, која многупати експлицитно ја потенцирале. Јужниот булевар е еден од клучните проекти за долгорочниот развој на градот, кој што долги години е предмет само на празни најави на градоначалниците на Скопје.

 

 

 

Форумска дискусија за проширувањето на ул. Митрополит Теодосиј Гологанов » овде