Претходна статија
Во Штип напролет ќе може да потечат првите количества природен гас
Следна статија
Мораториумот за градење во Центар продолжен до 30 април 2019 година

Започна проектирањето на идниот булевар „Македонско Косовска бригада“

Објавено на 14.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Во првото полугодие од 2019 година ќе бидат изработени основниот проект и инфраструктурниот проект за изградба на булеварот „Македонско Косовска бригада“ во скопската општина Чаир. Идната сообраќајница треба да се изведува на потегот од раскрсницата со булевар „Никола Карев“ (Пластичарска улица) до раскрсницата со булевар „Босна и Херцеговина“. Градот Скопје го потпиша договорот за проектирање на булеварот со фирмата „Еуро Роад Дизајн Груп“, која што треба да ја подготви неопходната документација во период од три месеци.

 

*Идната сообраќајница ќе започнува од Пластичарската улица, и преку Топаана, ќе се движи кон Чаир

 

Идниот булевар „Македонско Косовска бригада“ ќе треба да се надоврзе на планираното продолжување на булеварот „Св. Климент Охридски“ во правец кон Пластичарската улица, во чии рамки ќе се гради нов мост на реката Вардар кај владата и тунел под Музејот на современа уметност. На тој начин, за општините Чаир, Бутел и Шуто Оризари ќе се обезбеди најбрза патна врска со центарот на Скопје, која што го заобиколува Бит – пазар и улицата „Цветан Димов“ како две тесни грла во градот. За изработка на основниот проект и инфраструктурниот проект за булеварот „Македонско Косовска бригада“ се издвоени 920.400 денари.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk