Премиерот Зоран Заев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и амбасадорот на ЕУ во Македонија Семуел Жбогар денеска го означија почетокот на втората фаза од изградбата на експресниот пат Градско – Дреново. Станува збор за делницата од Градско до Дреново, во должина од 15,5 километри и со проектирана вредност на проектот од 23 милиони евра. Изградбата на оваа делница е финансирана со средства од ИПА 2 програмата за поддршка на Европската Унија. Експресниот пат ќе треба да биде завршен најдоцна до 2020 година.
„Сакам да нагласам дека во тек е изградба и на делницата од Дреново до Фариш, проект каде наследивме сериозни проблеми, но со многу посветеност ги надминуваме, што може да се забележи и на терен каде значително е зголемен интензитетот на работа. За последната делница, проширувањето на патот од Прилеп до мостот на Ленишка река и изградба на трета лента од с.Беловодица до Каменолом Маврово во должина од околу 7,5 километри, оваа година ќе објавиме јавен повик за изведувач“ изјави министерот Горан Сугарески.
Проектот за изградба на експресниот пат од Градско до Прилеп започна да се реализира во јули 2016 година со отпочнувањето на градежните работи на првата делница од Фаришката до Дреновската клисура.
» Форумска дискусија за овој проект