Општина Карпош започна so изградба на нова детска градинка во населбата Бардовци. Објектот ќе се простира на површина од 521 метри квадратни и ќе биде лоциран во училишниот двор на ОУ „Аврам Писевски“. Вкупната вредност на проектот е околу 24 милиони денари, од кои 7,3 милиони денари се обезбедени преку ИПА програмата за општински рурални инвестиции. „По скоро две и пол години, во соработка со Светска банка и ИПА програмата, Општина Карпош доаѓа до овој камен темелник“ изјави градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
*Извор на фотографија: Општина Карпош
Градинката е проектирана како симетричен објект со два тракта, во чиј состав ќе има четири занимални, гардероби и тоалети, со капацитет да прими 78 дечиња. Градежните работи ќе ги изведува фирмата „Конструктор“.
Од СДСМ денеска реагираа на денешниот настан организиран од Општина Карпош. Тие велат дека градоначалникот Стевчо Јакимовски го прекршил Изборниот законик, за што ќе поднесат соодветна пријава. „Откако СДСМ вчера ги обелодени лошите услови во градинката Мајски цвет, откако беше обелоденето дека Стевчо Јакимовски со години ги лажеше граѓаните и им ветуваше изградба на нова градинка во населбата Карпош, продолжената рака на Никола Груевски и градоначалник во заминување денеска побрза да удри камен темелник на новата градинка“ соопштија од СДСМ.