На крстосницата на булеварите „Трета македонска бригада“ и „Србија“, денеска беше официјално означен почетокот на изградбата на големиот „Македонски православен крст“ [»мапа]. Наместо првично најавените 33 метри, крстот ќе биде висок 51 метар, со ширина на столбот од 4 метри и распон на краците од 34 метри. Ќе биде поставен на постамент од 5,5 метри на две нивоа со галерии, иконостас за верски обреди и фрески на 12-те свети апостоли. Предвидена е изведба на електрична инсталација за енергетска самоодржливост. Околу крстот ќе бидат изградени патеки, ќе се постават клупи и местото ќе биде хортикултурно уредено. Објектот треба да биде готов најдоцна до крајот на март следната година. Како донатор фигурира Светскиот македонски конгрес, а изведувач е фирмата „Прототип“
Одлуката за поставување на крстот ја донесе општината Аеродром и по изградбата тој ќе прејде во нејзина сопственост. На поставувањето на камен – темелникот присуствуваа првиот човек на град Скопје Коце Трајановски, градоначалникот на општина Аеродром Ивица Конески, градоначалникот на општина Кисела Вода Биљана Беличанец, градоначалникот на општина Гази Баба Тони Трајковски и претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров.