Претходна статија
Финишира изградбата на ПЕТ Центарот во Скопје
Следна статија
Заев: Менувани ДУП-ови за Груевски да купи плацови на Водно

Започна изградбата на гасоводот Клечовце – Штип

Објавено на 14.03.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Во кумановското село Клечовце денес почна изградбата на магистралниот гасовод Клечовце – Блок станица 5, како дел од проектот за изградба на Националниот гасоводен систем во Македонија. Првиот дел од гасоводот во должина од 61 километри ќе го гради руската компанија „Стројтрансгас“. Вредноста на инвестицијата изнесува 75,7 милиони долари, од кои 60 милиони долари се обезбедени од подмирување на рускиот клириншки долг. Во согласност со проектната документација, трасата на новиот гасовод од кумановското село Клечовце се движи кон Свети Николе и завршува во Штип. За останатиот дел кон Неготино и Кавадарци треба да се обезбедат дополнителни финансиски средства.

 


* Извор на фотографија: Влада на Р.М.

 

 

Според владините најави, изградбата на националниот гасовод е прва фаза од проектот за гасификација на Македонија. Втората фаза е изведба на дистрибутивна мрежа која треба гасот да го однесе до општините, а изборот на компаниите е во тек. Гасификацијата на македонските градови се очекува да започне следната година, додека до 2022 година ќе биде комплетно изградена гасоводната мрежа на целата територија на државата.

 

„Според планираното ќе бидат поврзани сите поголеми места со што гасот ќе стане достапен насекаде низ државата. Следните делници кои планираме да се градат се од Штип до Кавадарци преку Прилеп до Битола и Охрид, од Штип до Радовиш – Струмица – Гевгелија се до границата со Грција, од Струмица преку Ново Село до границата со Бугарија, од Скопје – Тетово – Гостивар преку Кичево – Струга до Ќафасан и границата со Албанија“, изјави премиерот Груевски. Покрај претседателот на извршната власт, на денешниот настан присуствуваа вицепремиерот Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, директорите на Македонски енергетски ресурси и на руски Стројтрансгас, Крсте Миладинов и Олег Ширгејев, и амбасадорот на Руската Федерација Олег Шчербак.

 

Во однос на почетокот на изградбата на магистралниот гасовод Клечовце – Штип, денеска реагираше и опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија. Од СДСМ истакнуваат дека земјава плаќа убедливо најскап природен гас, а од денес е и рекордер по најскап гасовод во Европа. „Предвидениот гасовод од 60 километри е уште еден од низата проекти кои ќе доживее само да видат една лопата, многу помпа и здравици од скапи вина, а за него ќе се потрошат неверојатни 75 милиони долари. Тоа се 1,25 милиони долари по километар, што е најскап гасовод во светот“, велат од СДСМ. Од опозициската партија наведуваат дека земјава до сега требаше да најде нов извор на гас, што ќе ја намали цената на гасот и ќе овозможи на граѓаните поевтин и поеколошки енергенс.